Sunday, December 8, 2013

Дневникот на Ана Франк

Да си постоел неколку години наназад, можеби е и многу потешко од постоењето кое го уживаш денес. Да си дете, а да сетуваш болка исто како да си старица на која одамна и поминало времето. Животот е толку непредвидлив што дури и кога ќе бидеш фрлен во длабока бездна, не чуствуваш никаква промена, се чуствуваш исто како и претходно... А, дали?
Секако дека не... Твоето тело е тело на тег, една по една се редат плочките со килограми, а ти само збунето прашуваш, зошто токму кај тебе идат... Зошто? Ете го клучното прашање кое толку често нè кутнува на колена, осудувајќи нè преплашено да молиме за нашата судбина. За нашето утре од кое не знаеме дали ќе открадеме дури и тронка воздух...
Ана Франк - кратко, но симболично име. Девојче - а веќе возрасна жена. Личност која го живее своето детство по скицата на Хитлер.
Денес е во својот дом, а веќе утре некаде далеку од него... и тоа, засекогаш. Тело во кое е придушен плачот, вресок кој сака да го разбуди светот, збор кој сака да биде изречен на увото на личноста, која како да само своите зборови ги слуша и ничии други. Девојче кое својата историја ќе ја стави во стаклена рамка. Онаа, која многупати била кршена, но која сега по прв пат ја живее својата вечност...
Да пишувам многу дури и не треба. Таа има напишано сè низ страниците на кои лесно се препознава болката. На страниците чии зборови се стиснати едни до други, исто како што била стисната и нејзината судбина. Судбината, за чиј почеток никогаш не ни помислила, но пак чиј крај многу добро го знаела.
Ова е безвремена книга, онаа која не се ни сметало дека ќе се води како книга, а камо ли пак како безвремена. Таа е исповед на девојче чиј живот бил многу рано зграпчен од џиновската рака на неправдата и суровоста. Но, таа е, и ќе остане девојче чии раце го напишале она кој секој од нас треба да го прочита. Она, кое ќе ве натера да заплачете... некогаш да се насмеете... а во секој момент да ѝ честитате за издржливоста.
Дневникот ќе ве врати во минатото, но ќе ви остави и реченици за во сегашноста, а и за иднината. Ете, мене ова ми остана од неа: „Човекот по дух е голем, а по постапките мал! Но, горе главата, да не се предаваме, ќе дојдат подобри денови.“

Мадам Тисо - Мишел Моран

Роман за Француската револуција.

Бидејќи „Ќерката на Клеопатра“ ми остави голем впечаток, сакако дека и ова дело од Мишел Моран нема шанси да го пропуштам. Таа нè потсетува уште на почетокот дека секој лик од овој роман се темели врз личности кои живееле или умреле за време на Француската револуција, а сите поголеми настани опишани овде навистина се случиле.
Почетокот на романот е во периодот на 1788 година кога популарноста на кралицата Марија Антоанета веќе полека се намалува. Период на најлутата зима, дојдена веднаш после летото во кое имало многу слаб род, зима во која илјадници луѓе во Париз ќе умрат било од глад било од студ. Период во кој за сè ќе се обвинува кралското семејство!
Во тоа време нивното општество го сочинувааттри сталежи: свештенството, благородниците и буржоазијата, за на крајот да биде селанството и народот кој го поднесува целиот товар на даноците. За првпат после 1614 година сите три сталежи се свикани за да дадат совет на монархијата бидејќи таа е во толку големи долгови, што само чудо може да ја спаси. А сепак кралското семејство живее во луксуз и раскош.
Самиот наслов кажува дека сето тоа ќе го следиме преку ликот на Марија Гросхолц, позната вајарка од Париз. Марија е по потекло од Швајцарија, но кога татко ѝ загинува во војна тие се селат во Париз, кај вујко ѝ Филип Куртиус, сопственик на восочен музеј во областа Тилaри. Работата во музејот им оди добро, доаѓаат туристи од цела Европа да ги видат фигурите на: Бенџамин Френклин, кралицата Марија Антоанета, кралот Луј XVI, Роза Бертен – модистката на кралицата, Жан Жак Русо, Максимилијан Робеспјер, Маркиз Де Сад, Жан Пол Мара, мадам Ди Бари – љубовницата на кралот Луј XV итн. итн., сите оние кои имале било каква улога во почетокот на Француската револуција и развојот на тиранијата по соборувањето од власт на кралското семејство и воспоставувањето на народната слобода.
Марија ја има таа среќа, по посетата на кралското семејство на музејот на восочни фигури, да ѝ биде учителка по вајарство на мадам Елизабета, сестрата на кралот. Ете и можност да претстојува во славниот Версај! Дали Марија е воодушевена од тоа што го среќава во Версај?
Романот не би бил комплетен доколку во него не е вплетена и љубовната приказна помеѓу Марија и Анри, претставувач и научник. Дали љубовта ќе ја победи желбата за слава и збогатување?
Падот на монархијата и подемот на тиранијата на Робеспјер е доказ за страдањето на многу луѓе од името на слободата, еднаквоста и братството. Денес си на врвот, а веќе утре си осуден на погубување со гилотина! Луѓе биле убивани и за најмалите и најбаналните работи, но сепак Марија Гросхолц, подоцна Мадам Тисо, успева да го преживее целиот терор и сите случувања на кои сведочи, а ние преку нејзината приказна ќе ги откриваме.

Последната војвотка - Ким Габриела


Ова е една прекрасна историска книга, книга која ќе ве освојува малку по малку со секоја наредна прочитана страница. На тој начин нема да почувствувате кога ви поминало времето, кога сте ја завртеле и последната страница и сте стигнале до самиот крај, а притоа ќе посакате да има уште некоја страница плус за уживање. Ова е дело кое ме освои со својата содржина, дело кое ме освои со леснотијата на пишаниот збор.
Авторката маестрално ја излеала од своето перо и создала приказна која ќе го освои сечие срце па и најтврдокорното.
Кога на само шеснаесет години мора да се омажи за воjводата од Ферера, младата и сѐ уште дете Лукреција Медачи не претпоставува каква иднина ја чека во својот иден дом.

Кога нејзиниот богат иден сопруг ќе ја одбере за животна сопатничка и ќе ја одведе во својата раскошна палата во Ферера, таа пред себе гледа блескава и безгрижна иднина која може да ја замисли само дете на шеснаесетгодишна возраст.
Меѓутоа нејзиниот свет и погледот кон нејзината иднина набргу ќе се изменат кога нејзиниот иден сопруг ќе си го покаже вистинското лице. Набргу раскошната палата и нејзините ѕидови ќе станат нејзин кафез. Нејзиниот сопруг Алфонсо д’Есте колку што е убав и мрачен толку е опасен и мистериозен. Неможноста да обезбеди наследник го растргнува и полни со гнев, а тука е и притисокот на свештените лица кои, доколку тој не добие законски наследник, имотот и градот Ферера ќе ги доделат на друг.
Единствена која може да го смири и скроти неговиот гнев е неговата љубовница Франческа. Така Лукреција не гледајќи друг излез од ситуацијата во која се наоѓа единствениот спас го гледа во бегството. Меѓутоа поради овој избор таа би можела да изгуби сѐ, а моќта на Алфонсо е голема.